Неколку ракети паднаа утрово врз населба во близина на аеродромот во Кабул, од каде што САД сѐ уште спроведуваат евакуација, според очевидци.
Засега нема извештаи за можни жртви, а не е познато кој ги испукал ракетите.
Веднаш по експлозиите се слушнале истрели, а во моментов не е јасно кој пукал.
Очевидци велат дека слушнале три експлозии, а потоа виделе блесок на небото.
САД продолжија со евакуација по ракетниот напад.
Белата куќа соопшти дека официјалните лица го известиле претседателот Џозеф Бајден за „ракетниот напад врз меѓународниот аеродром“ во Кабул.
„Претседателот е информиран дека операциите на аеродромот продолжуваат без прекин и тој им ја потврди наредбата на командантите да ги удвојат своите напори и да направат се што е потребно за да ги заштитат нашите сили на теренот“, соопшти Белата куќа.
САД вчера извршија напад со беспилотно летало врз возило со „неколку бомбаши самоубијци“ на авганистанскиот огранок на групата Исламска држава, пред да успеат да го нападнат аеродромот во Кабул, соопштија американските власти.
Неименуван авганистански службеник изјави дека три деца загинале во тој американски напад со беспилотни летала.
Според авганистанската полиција, вчера ракета паднала врз населба на еден километар оддалеченост од аеродромот во Кабул и убила едно дете.
САД утре треба да го завршат повлекувањето од Авганистан.
Од 15 август, кога новите авганистански талибански владетели го зазедоа Кабул, бројни земји евакуираа повеќе од 114.000 луѓе од аеродромот во Кабул.

