Талибанците забранија музика па брутално ликвидираа пејач на народна музика (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Пејачот Фавад Андараби беше брутално убиен во селото Кишнабад во долината Андараб, објави на Твитер поранешниот авганистански министер за внатрешни работи Масуд Андараби.

„Бруталноста на Талибанците продолжува во Андараби. Денес тие брутално го убија фолк пејачот Фавад Андараби, кој донесе радост во оваа долина и нејзините луѓе”, напиша Андараби во твит со снимка на пејачот.

Според светските медиуми, Фавад бил извлечен од својот дом со сила, а потоа и убиен.

Да потсетиме, портпаролот на талибанците Забихула Муџахид пред неколку дена објави дека музиката на јавни места ќе биде забранета.

„Музиката е забранета во исламот, но се надевам дека ќе ги убедиме луѓето да не прават такви работи, наместо да вршат притисок врз нив“, рече тој.

Во Авганистан, под талибанците, повеќето музички, телевизиски и филмски содржини беа забранети во 90 -тите години. Повредата на овие забрани повлече сериозни последици.

По американската интервенција во 2001 година, авганистанската музичка сцена процвета – беа организирани концерти и фестивали, а беше отворен и Авганистанскиот национален институт за музика. Во тој институт беше создаден женски оркестар, кој настапи во земјата и во странство.