Американскиот воен ракетен крстосувач и патролниот брод на американската крајбрежна стража минаа низ Тајванското Море како дел од рутинските операции преку чувствителниот воден пат што го одделува Тајван од Кина, која островот го смета за своја територија, а Пекинг протестираше против преминувањето на американски бродови.
Присуството на американски воени бродови доаѓа среде воените тензии помеѓу Тајван и Кина во последните две години и по минатонеделните кинески поморски маневри за време на кои воените бродови и борбени авиони на кинеската армија вежбаа во близина на југозапад и југоисток на островот, пренесува Ројтерс.
Крстосувачот на американската морнарица УСС Кид со водени проектили од класата Арли Берк, придружуван од патролниот брод Мунро на крајбрежната стража, пловеа „низ меѓународните води во согласност со меѓународното право“, се вели во соопштението на американската морнарица.
„Легалниот транзит на бродови преку Тајванското Море ја покажува посветеноста на САД за слободен и отворен Индо-Пацифик. Војската на САД лета, плови и дејствува секаде каде што дозволува меѓународното право“, се вели во соопштението.
Критики кон Кина
Кинеското министерство за одбрана протестираше против преминувањето на воени бродови на американската морнарица и крајбрежната стража преку Тајванското Море.
Во соопштението објавено на веб -страницата на министерството, овој потег беше наречен провокативен и беше оценет дека покажува дека САД се најголемата закана за мирот и стабилноста и креаторот на безбедносните ризици во Тајванското Море, пренесува агенцијата АП.
„Изразуваме силно противење и силна осуда“, се вели во соопштението.
Крајбрежната стража на САД и Тајван зборуваа овој месец по потпишувањето на договорот за соработка, а Кина го осуди договорот.
Во соопштението од кинеското Министерство за одбрана во саботата се вели дека „Тајван е неотуѓив дел од Кина“ и се вели дека Кина нема да толерира какво било мешање во нејзините „внатрешни работи“.