Светска банка ја стопираше помошта за Авганистан

Сподели со своите пријатели

Светската банка ја суспендираше финансиската помош за Авганистан поради загриженост за судбината на жените под режимот на Талибанците.

Loading...

„Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата во Авганистан и нејзиното влијание врз изгледите за развој на земјата, особено во однос на правата на жените“, рече портпаролката на Светска банка, Марсела Санчез-Бендер.

Според информациите од веб – страницата на Светска банка, таа институција одвоила повеќе од 5,3 милијарди долари за развојни проекти во Авганистан, а Фондот за доверба за обнова на Авганистан, со кој раководи Светска банка, собрал повеќе од 12,9 милијарди.

„Ги суспендиравме плаќањата за нашите операции во Авганистан и внимателно ја следиме и оценуваме ситуацијата во согласност со нашите внатрешни политики и процедури“, додаде Санчез-Бендер, пренесува Си-Ен-Ен.

Светската банка соопшти дека ќе ги продолжи консултациите со меѓународната заедница и развојните партнери.

– Заедно со нашите партнери, бараме начини да останеме вклучени во зачувувањето на тешко постигнатите успеси во развојот и да продолжиме да ги поддржуваме луѓето во Авганистан- заклучи Санчез-Бендер.