Советникот за национална безбедност на претседателот Бајден предупреди во неделата дека Исламската држава може да изврши напад при евакуација на илјадници Американци и авганистански сојузници од меѓународниот аеродром во Кабул.
„Заканата е реална. Акутно е”, рече Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
Ниту Саливен, ниту други високи американски воени или разузнавачки претставници не дадоа детали за заканите на Исламската држава.
Но, сегашните и поранешните функционери велат дека заканите се движат од ракетен напад врз транспортен авион при слетување или полетување до камион натоварен со експлозив или бомбаши самоубијци што се инфилтрирале во толпата пред аеродромот.
Сѐ повеќе закани
Бајден во петокот рече дека американската војска и антитерористичките служби внимателно ги следеле заканите на ИСИС, истакнувајќи дека илјадници затвореници се ослободени во Кабул и други локации.
Иако е малку веројатно дека Талибанците свесно би ги ослободиле борците на Исламска држава, голем број затвореници, меѓу кои и талибански непријатели, се ослободени поради хаосот во Авганистан.
„ИСИС чекаше ваква можност, каде што нејзините борци ќе можат да го искористат хаосот на теренот за да добијат шанса да нападнат американски војници“, рече аналитичарот Колин П. Кларк, цитиран од „Њујорк тајмс“.
Во текот на минатата недела, американските власти предупредија на закани за аеродромот при евакуација на цивили од Кабул.
Удар за талибанците
Нападот врз аеродромот, според сегашните и поранешните официјални лица, ќе биде стратешки удар и против САД и Талибанците.
Тие во саботата рекоа дека американската војска воспоставува алтернативни патишта до аеродромот во Кабул за Американците, авганистанските сојузници и граѓаните од другите западни земји, поради заканата од ИСИС.
Во четвртокот вечерта, хеликоптерите CH-47 Chinook собраа 169 Американци во хотел и ги однесоа на сигурно, наместо да пешачат 200 метри до влезот на аеродромот.
Смртоносниот напад врз американски и авганистански цивили би бил катастрофа не само за САД, туку и за Талибанците, кои се обидуваат да ја консолидираат контролата над Кабул.
Талибанците и Исламската држава се непријатели кои меѓусебно се борат на бојното поле за контрола на делови од земјата.
ИСИС останува активна и опасна
Западните аналитичари веруваат дека ИСИС, во случај на напад за време на евакуација, ќе ја подобри својата репутација и ќе го олесни регрутирањето нови членови.
Имено, според извештајот на Обединетите нации од јуни, „Исламската држава ја намали способноста да регрутира членови и да генерира нови средства поради губење територија“.
Иако се верува дека огранокот на ИСИС има 1.500 до 2.200 борци во провинциите Кунар и Нангархар, тој е принуден да се децентрализира и се состои првенствено од мали групи низ целата земја.
Во извештајот се вели дека огранокот на ИСИС под новиот водач, Шахаб ал-Мухаџир, останува „активен и опасен“ и се обидува да ги наполни своите војници со незадоволни талибански борци и други милитанти.