Британскиот премиер Борис Џонсон ќе побара од претседателот на САД, Џозеф Бајден, американските сили да останат во Авганистан по 31 август, со цел да се овозможи евакуација од аеродромот во Кабул, пренесува Би -Би -Си.
Џонсон ќе го поднесе барањето во вторник, на итен состанок на лидерите на Г7.
Десетици илјади луѓе се очајни да го напуштат Авганистан откако Талибанците дојдоа на власт, а САД имаат намера да ги повлечат сите свои војници од таа земја до крајот на месецот.
Иако британските владини претставници објавија дека нема одреден датум кога британските сили ќе се повлечат од Авганистан, постојат стравувања дека без американски војници, преостанатите странски сили не би можеле да го обезбедат аеродромот во Кабул, наведува Би -Би -Си.
Британија има повеќе од 1.000 војници во Кабул.
Вчера на прашањето дали ќе го продолжи рокот за повлекување на американските војници од Авганистан, кој истекува на 31 август, Бајден одговори дека се надева дека нема да има потреба од тоа.
Тој, сепак, додаде дека за продолжување на тој рок се разговара со армијата.
Талибански претставник изјави дека странските сили во Авганистан не побарале продолжување на рокот што го одредиле за напуштање на земјата, односно 31 август.

