Катар, заливска држава која учествува во евакуација на луѓе од Авганистан, прими непознат број бегалци од таа земја, меѓу кои и женски тим за роботика.
Сојузникот на Западот, исто така, помогна да се евакуираат Германците и Американците од Авганистан, откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата.
Голем број цивили пристигнаа во Доха, главниот град на Катар каде Талибанците и САД преговараа за мировен договор во последните години, а меѓу нив е и женски роботички тим.
– Неколку членови на авганистанскиот женски роботички тим сигурно пристигнаа во Катар каде ќе останат и ќе го продолжат своето образование – изјави еден од членовите на катарската влада.
Форбс ги смести авганистанските роботичарки меѓу 30-те најважни научници и иноватори на возраст под 30 години во Азија.
Меѓу другото, тие работеа и на развојот на роботите за деминирање.
Катар работи со Обединетите нации, САД и другите меѓународни партнери за да се осигури „безбедноста на авганистанскиот народ и безбедно минување“ на цивили, новинари, дипломати и меѓународни организации, изјави Тамер Ал Тани, заменик -директор за комуникации на катарската влада канцеларија.
„Силно веруваме дека сеопфатен политички договор што ќе донесе стабилност и безбедност во Авганистан може да се постигне само преку дипломатија и дијалог“, додаде тој.