Тековните податоци не покажуваат дека се потребни дополнителни вакцини против коронавирус, рече главниот научник на Светската здравствена организација (СЗО), Сумија Сваминанатан, пренесува Ројтерс.
„Има доволно вакцини во светот, но тие нема да одат на вистинските места, по вистинскиот редослед“, рече советникот на СЗО, Брус Ајлвард, зборувајќи за дополнителни вакцини обезбедени од земјите со високи примања, пренесува Радио Слободна Европа.
Две дози треба да им се дадат на најранливите во светот пред третата доза да им се даде на оние кои се целосно вакцинирани, рече Ајлвард, додавајќи: „Сѐ уште сме далеку од тоа“.
СЗО, исто така, рече дека делта варијантата се шири во делови каде што стапката на вакцинација е ниска.
„Многу места во светот каде што делтата е во пораст, дури и во земји кои имаат висока покриеност за вакцинација на национално ниво, делтата се шири во оние делови со ниска стапка на вакцинација“, рече епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керкове.
Светската здравствена организација претходно повика на мораториум на третата доза на вакцината, барем до крајот на септември, со цел да се реши огромната нееднаквост во распределбата на дозите меѓу богатите и сиромашните нации.
Израел почна да ја нуди третата доза за жителите над 60 години во јули, додека Германија објави дека ќе почне да ја нуди од септември, потсетува РСЕ.
Американскиот експерт за заразни болести и медицински советник на претседателот Џо Бајден, Ентони Фаучи, рече дека трета доза на вакцината против коронавирус ќе се препорача во САД за оние со послаб имунолошки систем.

