Расте бројот на хоспитализации со Ковид во Куманово, 42 пациенти на кислородна поддршка

Сподели со своите пријатели

За само една недела состојбата во кумановската болница драматично се промени, и бројот на хоспитализирани пациенти поради коронавирусот забрзано расте.

Според податоците од утринава, како што рече директорката на Општа болница Куманово Снежана Захариева, хоспитализирани се 51 пациент од кои дури 42 се на кислородна поддршка, додека во дневната болница ковид терапија примаат 20 лица.

Повеќето од хоспитализираните се жени и немаат примено вакцина.

– Од овие 51 пациенти, 42 се на кислородна поддршка, грото од хоспитализираните се жени меѓу 40 и 70 години, има и мажи, но повеќето жени, повеќето невакцинирани. Имаме пет-шест вакцинирани и за нијанса се со поблага клиничка слика, не се на кислородна поддршка што значи дека сепак и оние што не веруваат дека вакцинацијата помага не треба да ги убедуваат другите дека нема начин да се сузбие пандемијата, начинот е тој, придржување до епидемиолошките мерки воспоставени од почетокот на пандемијата, држење дистанца, избегнување на движење во толпа, блиски контакти со повеќе луѓе, групирања, носење на заштитна маска на затворено и секако вакцинацијата, рече Захариева.

Слободното движење и можноста за групирање доведоа до општо непочитување на елементарните мерки за заштита од вирусот, вели Захариева, што според неа доведе до ширење на болеста.

 

 

Таа ги повика граѓаните да бидат солидарни едни кон други и да го зачуваат заедно јавното здравје, бидејќи пандемијата го доведува во прашање функционирањето на целокупниот здравствен систем.

– Не можеме да обрнеме внимание само на ковид пациентите, мора да ги згрижиме и оние болни од малигдни болести, интернистичка патологија, сообраќајки нон стоп имаме цело лето, повреди, раѓања, згрижување на деца, на сите треба да им посветиме внимание, а за тоа е поребен и персонал и дополнителни средства за набавка на лекарства, изјави директорката.

Поради огромни трошоци за лекарства, лабораториски реагенси и зголемена потрошувачка на кислород буџетот на општината е исцрпен и е побарана дополнителна помош од Фондот за здравство.

– Се плашам дека доколку нема да ни се излезе во пресрет ќе биде проблем набавката на сето она што ни е потренбо, се трудиме со сите расположливи сили да на пациентите им обезбедиме се она што им е потребно за лекување. До сега не мораа ништо да купуваат, рече таа.

Само во текот на вчерашниот ден регистрирани се дури 16 приеми на пациенти, а само тројца се пуштени дома оздравени. Лекувањето, вели Захариева, е долготрајно, а приливот на пациенти е голем.

 

 

Доколку дојде до дополнително зголемување на борјот на пациенти ќе се пренаменат други оддели во ковид центри, а дел од персоналот веќе го прекинува годишниот одмор и се враќа на работа, освен оние што во овој момент се веќе некаде во туристичките центри.

Сепак, според директорката на кумановската болница, мора да функционираат сите оддели, затоа што во Ургентниот центар има по 100 прегледи дневно, има многу хоспитализирани деца на Детското одделение, интерното има зголемен број пациенти, а мора да функционира и хирушкото и акушерското одделение.

Во овој момент нема деца што се хоспотализирани поради Ковид-19.

Никола Ивановски