Француското министерство за животна средина објави дека се движи во борба против милијардите отфрлени отпушоци од цигари кои ги загадуваат француските улици, паркови и природа.
Министерството постави цел да го намали количеството отпушоци од цигари што пушачите ги фрлаат насекаде без размислување за 40 проценти во рок од шест години. Се проценува дека има околу 23,5 милијарди такви отпушоци од цигари.
Министерството бара производителите на цигари да преземат одговорност, бидејќи Законот за рециклирање и против отпад, што беше донесен минатата година, бара од нив да се грижат за своите производи и откако ќе се консумираат.
Затоа, тутунопроизводителите ќе учествуваат во спроведувањето на оваа акција со 80 милиони евра годишно, што новоформираната институција ќе ги сподели со проектите насочени кон отстранување на отпушоците од цигари и подигнување на свеста за тоа, велат од министерството.
Планот е да се дистрибуираат џебни пепелници, да се постават неколку корпи кои би биле наменети исклучиво за цигари и да се воспостави нов систем за собирање и рециклирање на отпушоци од цигари.
Според најновите статистички податоци, 22,4 проценти од француските жители се пушачи, додека 15,9 проценти се во Германија.

