Обвинителот на Врховниот суд на Грција, Василиос Плиотас побара од полицијата и од противпожарната служба да бараат евентуални докази за постоење на организиран план за палење на некоја криминална организација, пишува грчкиот портал „Екатимерини“.
Плиотас посочи на „премногу пожари со невообичаен интензитет и фактот дека многу од нив избувнале речиси истовремено“.
Според него, постои основано сомнение за намерно организирана криминална активност, а не само едноставна и случајна појава на истовремени инциденти.
– Во изминатите неколку дена избија премногу пожари, со невообичаен интензитет и размер, што резултираше со огромни оштетувања на природната средина, особено на шумите, зградите, растенијата, земјоделското земјиште, посевите и туристичката инфраструктура – нагласи Плиотас.
Тој додаде дека пожарите загрозуваат и голем број човечки животи и дека „синхронизацијата“ на појавата предизвикува основано сомневање за намерно организирана криминална активност, а не само случајна појава поради несовесно однесување.