Пожарот во пределот на селото Жељувино на подрачјето на општината Старо Нагоричане е сѐ уште активен, додека оние во селата Дренак и Челопек се локализирани, информираат утринава од тамошната Територијална противпожарна единица.
– Пожарите во Дренак и Челопек се локализирани, но сѐ уште будно се следи состојбата на терен, велат од ТППЕ Старо Нагоричане.

Од Регионалниот центар за управување со кризи велат дека пожарот во селото Дренак бил на непристапен терен, а возилата на противпожарните служби можеле да се доближат само на три километри до местото каде гори. Огнот бил локализиран ноќва во 02:30 часот.
На терен вчера биле едно противпожарно возило со тројца пожарникари, четворица вработени од Шумско Стопанство Куманово и петмина од Тетово.

Сепак, граѓани до редакцијата на Кумановски Муабети реагираа дека никој не дошол да го изгасне пожарот скоро цел ден.
– Моите родители слушнаа дека гори во Дренак и заминале да гасат. Ова од фотографиите е веќе далеку од Дренак, веќе на патот кон Алинце. Немаше никаква пожарна цел ден гаснеа пет луѓе, вели граѓанин кој ги достави и фотографиите во текстот.

Во пожарот во селото Челопек вчера е изгорена една куќа, а во гаснењето учествувале тројца пожарникари од Старо Нагоричане со едно возило и четворица пожарникари од Куманово со две возила.
– Во гасењете учествуваа и 30 војници од АРМ, пожарот е ставен под контрола, велат од РЦУК.
Инаку пожарот во селото Челопек според очевидци ја зеде и првата жртва, откако жена останала во куќа која подоцна изгорела. Официјална потврда на оваа информација од Министерството за внатрешни работи сѐ уште нема, бидејќи доцна синоќа екипите на полицијата не можеле да влезат во куќата која горела и да извршат увид.
– Ситуацијата во Челопек сѐ уште не дозволува да се влезе во изгорената куќа и да се направи официјална потврда по однос на пријавата. Се очекува тоа да биде направено во текот на денот, велат од МВР за Кумановски Муабети.

Никола Ивановски

