Пожарникарите активно се борат со огнената стихија, објави градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски заедно со фотографии кои го прикажуваат пустошот што пожарите го оставија во дел од кумановските села.

– Eкипите на ТППЕ Куманово, секогаш на ниво на задачата и денеска активно се борат со огнената стихија, дејствуваат во гаснење на пожарот над село Довезенце, по претходна интервенција на локалитет Мургашки рид и во село Челопек, вели Димитриевски.

Градоначалникот упати и благодарност до волонтерите и локалното население кои храбро се приклучија во гаснење на пожарите кои го зафатија овој регион.

Во овој момент на територијата на Општина Куманово активни се пожарите на ридот Липец кој поврзува неколку села: Мургаш, Довезенце, Јачинце… Според последните информации од терен огнот повторно се разгорел во Мургаш и екипи се упатени повторно и на таа локација, додека активно се гасне и од другата страна на ридот во селата Довезенце и Јачинце.

Пожарот во селото Дренак во општината Старо Нагоричане е локализиран, изгорени се 14 куќи и селското училиште, но според последните информации во овој момент огнот се префрла кон селата Алинце и Дејловце.









Никола Ивановски

