Гугл и Фејсбук ќе побараат од своите вработени да бидат вакцинирани против коронавирус пред да се вратат во нивните канцеларии, рекоа двата технолошки гиганти.
Во својот блог, извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, изјави дека задолжителната вакцинација ќе важи за канцелариите во САД во наредните недели и може да биде неопходна и на други локации, пренесоа американските медиуми.
„Вакцинацијата е еден од најважните начини да се одржуваме себеси и нашите заедници здрави во наредните месеци“, рече Пичаи.
Набргу по објавата од Гугл, одговори и Фејсбук, во кој се наведува дека секој што сака да дојде да работи во канцеларии во САД во следните недели мора да биде вакциниран.
„Како ќе ја спроведеме оваа политика ќе зависи од локалните услови и правила. Ќе имаме процес за оние кои не можат да се вакцинираат од медицински причини или некои други, и ќе го оцениме нашиот пристап во други региони како што се развива ситуацијата “, напиша Лори Голер, една од потпретседателите на Фејсбук.
Засега, други големи технолошки компании, вклучително и Епл и Амазон, одбија да нарачаат задолжителна вакцинација, додека во Мајкрософт вакцинацијата не е задолжителна, но се препорачува.

