Франција во четвртокот ги советуваше своите граѓани да ги избегнуваат Шпанија и Португалија ова лето поради брзото ширење на делтата варијанта на коронавирусот, но сè уште не го забрани патувањето до тие дестинации, пренесува Хина.
„Оние кои сè уште не резервирале одмор, да ги избегнуваат Шпанија и Португалија како дестинации, ова е дел од претпазливост“, изјави државниот секретар за европски прашања Климент Боун за јавната телевизија Франс 2.
„Ова е препорака на која инсистирам, подобро е да останете во Франција или да одите во други земји… ситуацијата е многу загрижувачка“, додаде тој, истакнувајќи дека патувањето до овие дестинации е сè уште дозволено.
Тој, сепак, истакна дека е можно да се воведат построги мерки во наредните денови.
Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос изјави дека загриженоста на Франција е „разбирлива“ со оглед на здравствената состојба во земјата, која е „влошена“.
Боун ги повика земјите-членки на ЕУ да бидат дополнително будни бидејќи пандемијата не е завршена.

