Џеф Безос, најбогатиот човек во модерната светска историја, стана уште побогат бидејќи акциите на Амазон вртоглаво се зголемија по веста дека Пентагон го откажува спорниот договор за компјутерски облак со американскиот технолошки гигант Мајкрософт.
Акциите на „Амазон“ пораснаа за 4,7 проценти откако Пентагон објави раскин на договорот, со што нето богатството на Безос се зголеми за 8,4 милијарди долари за само еден ден.
Безос, кој официјално се повлече од функцијата главен извршен директор на Амазон на почетокот на оваа недела, но задржа 10,3 проценти од акциите во компанијата, сега вреди 211 милијарди долари, историски рекорд откако Блумберг започна да ја следи нето-вредноста на светските милијардери во 2012 година.
Промена на технолошкото опкружување
Претходното рекордно ниво, од 210 милијарди долари, кратко го држеше извршниот директор на Тесла, Илон Маск во јануари годинава, но неговото богатство оттогаш падна на „само“ 181 милијарда долари, што го прави втора најбогата личност во светот, пред францускиот магнат за луксузна стока Бернард Арно, кој е „тежок“ 168,5 милијарди долари.
Пентагон во вторникот објави дека раскинува договор вреден 10 милијарди долари во облак, познат како Заедничко одбранбено инфраструктурно претпријатие (ЈЕДИ), што го потпиша со Мајкрософт во 2019 година.
„Заради менувањето на технолошкото опкружување, стана јасно дека договорот со JEDI, кој беше одложуван подолго време, повеќе не ги исполнува условите за пополнување на празнините во капацитетот на Министерството за одбрана“, рече Пентагон во изјава.
Жалбата на Амазон за Трамп
Ова може да значи дека Министерството за одбрана се подготвува да ја сподели работата за развој на својата технологија за клауд-компјутери помеѓу „Мајкрософт“ и „Амазон“, како и другите компании за кибер-технологија, се вели во текстот.
Амазон повеќепати се жалеше на одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација да го доделат договорот на Мајкрософт, оценувајќи дека тоа е политички мотивирано.
Договорот беше „замрзнат“ откако Амазон поднесе тужба со која го оспори изборот на Трамп и тврди дека поради неговата непријателство кон Безос, тој извршил притисок врз воените службеници да му ја доверат работата на „Мајкрософт“, а не на „Амазон“.