Познатиот холандски новинар Питер де Врис е сериозно повреден кога непознат напаѓач го застрелал во главата на улица во центарот на Амстердам, по што бил пренесен во болница во сериозна состојба, објави Би-Би-Си.
Весникот Алгемен Дагблад во своето онлајн издание објави дека напаѓачот е уапсен јужно од Амстердам, но полицијата сè уште не го потврди тоа.
Холандскиот премиер Марк Руте веднаш се состана со водачите на антитерористичката полициска единица во Хаг и се очекува неговото обраќање до јавноста.
Де Врис е еден од најпознатите новинари кој со години известувал за настани во криминалните кругови и опфатил многу важни случаи, вклучувајќи го и киднапирањето на магнатот на пиварницата Фреди Хајнекен во 1983 година.

