Четири функционери има Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за потенцијален кандидат за градоначалник на најголемата општина во државата.
Вчера беше последниот рок за поднесување на кандидатура за градоначлник на Општина Куманово како и за кандидати за советници во следниот состав на Советот на општината во редовите на СДСМ.
Во внатрепартиската битка влегуваат актуелниот градоначалник Максим Димитревски, претседателот на Општинската организација и пратеник, Мартин Костовски, актуелната претседателка на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска и секретарот на локалниот огранок на партијата и директор на АД Водостопанство, Оливер Илиевски.
Како што информираше денеска на прес конференција портпаролката на ОО СДСМ Куманово, Катерина Пешиќ Бошковска, освен кандидатури за градоначалници, до раководството на партијата околу 90 членови поднеле пријава со желба да станат дел од иднио Совет на општината.
– Извршниот одбор на ОО СДСМ Куманово е со заеднички став дека ќе бидат доставени до централното партиско раководство сите предлози за кандидати како за градоначалници, така и за советници. Ние сме амбициозна општинска организација и имаме што да понудиме. Конечната одлука ја носи централниот одбор на СДСМ предводен од претседателот и премиерот Зоран Заев, а која се очекува официјално да биде донесена до крајот на месец август. Дополнително граѓаните ќе бидат информирани за наредните активности, рече Пешиќ Бошковска.
Од друга страна во редовите на ВМРО-ДПМНЕ е реалтивно тивко. Портпаролот на Општинскиот комитет Милан Давидовиќ вели дека сѐ уште трае внатрепартискиот процес за избор на кандидати за градоначалници без да прецизира кој изразил желба да стане татко на градот.
– Не сакајќи да бидат предмет на јавни коментари, ниту да ги доведуваме во заблуда медиумите и граѓаните, како што тоа го прави СДСМ, нашиот кандидат за градоначалник ќе биде соопштен веднаш штом ќе ги помине внатрепартиските филтри. ВМРО-ДПМНЕ ќе претстави програма која ќе биде модерна и квалитетна и која што реално ќе даде одговор на сите прашања на граѓаните и ве уверувам дека нашиот кандидат за градоначалник ќе биде чесен човек, познат помеѓу сограѓаните и пред се победник, изјави Давидовиќ.

Сепак, од она што кружи како чаршиски муабети во игра кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ се претседателот на локалниот огранок и пратеник Бране Петрушевски, актерот Тони Михајловски, членот на извршниот комитет Игор Божиновски, но и Бобан Николовски.
Од СДСМ се очекува името на кандидатот да биде познато до крајот на август, додека нема информации кога тоа ќе го објави ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Ивановски