Мароко во понеделникот објави дека планира да ја произведе кинеска вакцина Синофарм против ковид-19 на локално ниво, со „краткорочен“ производствен капацитет од 5 милиони дози месечно, пренесува мароканската новинска агенција МАП.
На церемонијата предводена од кралот Мухамед Шести беше потпишан меморандум за соработка помеѓу кралството и кинеската фармацевтска компанија Синофарм, пренесува МАП.
За проектот ќе бидат потребни инвестиции од околу 421 милиони евра, додава агенцијата.

Производството на Синофарм, чиј почеток не е утврден, ќе започне на краток рок со производствен капацитет од 5 милиони дози и потоа постепено ќе се зголемува, додава агенцијата.
Целта на проектот е да се зајакне „здравствениот суверенитет“ на земјата во ситуација на надворешна зависност и непредвидени политички околности, според истиот извор.
Земјата со 36 милиони жители вакцинираше повеќе од 10 милиони луѓе од почетокот на кампањата за вакцинација на крајот на јануари, од кои 9,1 милиони со две дози, кинеската вакцина Синофарм и британската АстраЗенека.

Бројот на заразени е во пораст во Мароко со вкупно 534.797 случаи, од кои 9.329 починаа, според последните официјални податоци, принудувајќи го Министерството за здравство да повика на почитување на мерките за да не мора да ги засилува ограничувањата.
Кон крајот на мај, кралството олесни некои мерки и ги отвори воздушните граници со неколку земји, особено со европските.

