Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува за воведување рестрикции во однос на заштита на границите против ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој се рашири низ Европа и ќе процени дали тестовите се вистинската мерка со која ќе може да се заштитиме.
Сите сега препорачани мерки во овој период остануваат на сила засега, рече во петокот министерот за здравство Венко Филипче, нема план да се направи промена.
-Разговараме и евентуално би носеле некаква одлука во однос на штитење на границите, во однос на тестовите. Да се процени ризикот, дали е тоа вистинска марка со која навистина може да се заштитиме, објасни министерот.
Во моментов ресорното Министерството најмногу е фокусирано на вакцинацијата и се очекува до петок да бидат вакцинирани околу 500.000 граѓани. Вакцинацијата се одвива во сите пунктови во земјава и поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани.
Здравствените власти сметаат дека тоа е недоволно и апелираат граѓаните да се пријават за вакцинација. Во зголемувањето на бројот на имунизирани лица треба да придонесе и теренската вакцинација, која е веќе почната кај нас. Властите најавуваат дека теренската вакцинација ќе се интензивира и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.

