Словенија денес го презема ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, што во следните шест месеци ќе се одовива под слоганот „Заедно. Отпорно. Европа“.
Љубjана објави дека политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде меѓу приоритетите на претседателството.
„Европската иднина на земјите од Западен Балкан и продолжување на процесот на проширување мора да станат стратешки интерес на Унијата“, рече словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар.
Презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство од Љубjана, тие велат дека сакаат ЕУ да биде уште поангажирана и посветена на политичката агенда кон земјите од Западен Балкан.
– Нашиот патоказ се фокусира на социо-економското закрепнување и интеграција на Западен Балкан во различни области на европската политика, од инфраструктура, транспорт и енергетска поврзаност до истражување и иновации, декарбонизација, дигитализација и сајбер отпорност. Сето ова е клучно за кредибилна и безбедна ЕУ“, рече Логар.
Словенците планираат да бидат домаќини на новиот самит ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври, што последен пат се одржа преку видео-конференција во мај минатата година, организирана од хрватското претседателство со Советот на ЕУ.
Официјална Љубjана нагласува дека поради сопственото искуство, историја и географска позиција, проблемите и интересите на земјите од Западен Балкан во процесот на пристапување во ЕУ се блиски и важни.
Ова ќе биде втор пат Словенија да претседава со Советот на ЕУ од 2004 година, кога влезе во ЕУ во таканареченото „големо проширување“.
Овој пат, Љубjана најавува дека фокусот ќе биде насочен кон подобрување на функционирањето на ЕУ, заздравување од кризата предизвикана од пандемијата, но првенствено на спречување на идни кризи.
„Ќе се обидеме да го олесниме закрепнувањето на ЕУ и да ја зајакнеме нејзината отпорност, да размислиме за иднината на Европа, да го зајакнеме владеењето на правото и европските вредности и да ја зголемиме безбедноста и стабилноста во европското соседство“, се нагласува во официјалниот текст на приоритетите на Словенија.
Најавено е дека особено ќе инсистира на градење на Европската здравствена унија и зајакнување на стратешката автономија на ЕУ кога станува збор за достапноста на лекови и медицински помагала.
Меѓу приоритетите е трајно закрепнување во сите сектори на економијата на ЕУ и јавниот живот преку спроведување на Европскиот пакет за обновување и издржливост и усвојување на националните рамки кон зелена и дигитална транзиција во Европа.
За време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, ќе се одржи најголемиот дел од Конференцијата за иднината на Европа, која официјално започна на 9 мај 2021 година, и треба да заврши во пролетта 2022 година.
Од Љубjана велат дека нивната намера е да обезбедат пристап до сите што сакаат да учествуваат во дебатата за тоа како треба да изгледа ЕУ во иднина, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, преку организирање состаноци и форуми.
Меѓу словенечките приоритети се и работата за зајакнување на владеењето на правото како заедничка европска вредност, но исто така и со целосно почитување на националните уставни системи и традиции.
Кредибилна и безбедна ЕУ, способна да обезбеди безбедност и стабилност во нејзиното соседство, е друга област на која Словенија ќе инсистира во следните шест месеци.
Фокусот ќе биде на зајакнување на соработката на ЕУ со НАТО и САД, зајакнување на позицијата на ЕУ во меѓународната заедница и со цел да се одбранат заедничките интереси и вредности на земјите-членки и мултилатералниот систем.
Најавено е дека ќе се работи на градење на „посилна Шенген зона“ подготвена за целосна функционалност и соочување со идни предизвици, вклучително и поефикасно управување со миграциските текови.
Од 1 јануари 2022 година Франција ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ од Словенија.