Зградата на Центарот за вработување во Куманово е целосно реконструирана и тоа за прв пат по шеесет години.
Нова фасада, врати, мебел, греење, водоводна и канализациска мрежа се само дел од инвестициите направени со нешто над 10 милиони денари средства од Европската унија.
Увид во реконструкцијата денеска направи и директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири, кој истакна дека целта била невработените лица и работодавачите да ги добиваат услугите во еден модерен објект.
– Сега Центарот за вработување Куманово доби нова фасада на зградата, беше променета кровната конструкција и прозорците со што се зголеми енергетската ефикасност на целиот објект. набавен беше и котел на пелети кој значително ќе ги намали трошоците на греење на објектот кој досега се грееше на струја. Се реновираше и водоводната и канализациската мрежа. Невработените лица и работодавачите сега услугите на Агенцијата за вработување во Куманово можат да ги добијат на место кое е функционално и реновирано согласно стандардите за заштита на животната средина и намалување на ефектите од аерозагадувањето, изјави Демири.
Директорот Демири информираше дека во тек е реализација на оперативниот план за ктивни прогрмаи со што се предвидени мерки за вработување.
– Би сакал да ги информирам сите граѓани на Куманово дека во моментот е во тек реализацијата на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година и би сакал да ги повикам сите невработени лица и работодавачи од Куманово да го посетат реконструираниот центар за вработување и да се информираат за можностите кои овој оперативен план ги нуди и да аплицираат за мерките и програмите од нивен интерес, изјави директорот.
Освен просторно реновирање на Центарот за вработување во Куманово, како што рече директорката Марија Димитријевска, направена е и функционална реорганизација на работењето.
– Освен што е направено просторно реновирање на Центарот за вработување, направена е и функционална реорганизација во работењето на Центарот за вработување, невработените лица и раотодавачите ги добијат услугите и потребните информации на побрз и поедноставен начин. Сите колеги вработени во Центарот, се сместени во исти простории така да многу е полесен пристапот и поедноставно за странките да знаат каде можат да ги добијат потребните информации и доколку е потребно да ги упатат за попрецизни информации во врска од нивната потреба, изјави Димитријевска.
Согласно податоците заклучно месец мај во Центарот за вработување Куманово евидентирани се 15.214 активни баратели на работа и 5.602 лица како пасивни баратели на работа.
Никола Ивановски