Во завршна фаза е првиот дел од проектот за реконструкција на Соколана, информираше денеска на прес конференција портпаролот на Општинската организација на СДСМ Куманово Катерина Пешиќ Бошковска.
– Владата предводена од СДСМ го врати овој објект во владение на Општина Куманово и преку јавен повик на Агенцијата за млади и спорт обезбеди 7 милиони денари- средства од Буџетот на РСМ за реконструкција на партерно уредување на игралиштето, целосна реконструкција на постоечкото игралиште, теренот за мал фудбал со комплетна реконструкција на трибините како и уредувањето на паркинг просторот, изјави Пешиќ Бошковска.
Овој дел од проектот, како што вели таа, е во завршна фаза, додека реконструкцијата на самиот објект е во постапка за добивање согласност од страна на Националната установа Конзерваторски центар со што ќе се отпочне со работа и на надворешниот и внатрешниот дел од објектот Соколана.
– Додека емотивно се потсетуваме на славните спортски настани од минатото по кои е позната Соколана, во наредниот период ја враќаме спортската традиција и активно работиме истата повторно да ја кренеме како што ѝ доликува, посочи портпаролката на СДСМ Куманово Пешиќ Бошковска.
Никола Ивановски