Бебе кит долг три метри бил ослободен откако залутал во реката Темза, западно од Лондон, објави пристаништето во Лондон.
Британската агенција Ројтерс пренесува дека животот на китрот „виси на конец“ затоа што е исклучително млад и далеку од својот дом.
Специјален тим за спасување од пристанишната управа, Кралскиот национален институт за спасување (РНЛИ), британската организација за спасување морски цицачи, противпожарната бригада и полицијата работеа со часови во текот на ноќта за да го ослободат китот.
Околу полноќ, тие го ставија китот на специјален понтон на надувување и го влечеа на повеќе од еден километар низводно од браната Ричмонд Лок.
Китот потоа се лизнал од понтонот и последен пат бил виден како слободно плива во реката.
– Тоа е мал успех во смисла дека животното повеќе не е заробено на бетонот, но животот на китот „виси на конец“, бидејќи е повреден, многу млад и далеку од дома – рече Мартин Гарсајд, портпарол на лондонското пристаниште.
Тој додаде дека ова животно доаѓа од северот на Северното Море, па затоа е оддалечено стотици километри од местото каде што треба да биде.