Железничкиот сообраќај на коридорот десет кој Македонија ја поврзува со земјите од Европа, вчера бил во неколкучасовен прекин.
По еднонеделната блокада поради излизгување на товарниот воз кај кумановското село Романовце, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека сообраќајот се нормализира од пети месецов, но вчера дошло до проблеми со телекомандата на пругата.
Од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово со денови информираат дека сообраќајот сѐ уште не е нормализиран по пругата, но од Министерството за транспорт и врски велат дека прекин имало само вчера и дека денеска состојбата е нормализирана.
– Во средата бил пуштен само дизел сообраќајот за дизел локомотиви, во четврток е пуштен комплетно сообраќајот. Вчера ЈП Железници Инфраструктура имаше проблем со телекомандата и поради тоа имало проблем при реализација на собораќајот, велат од министерството за Кумановски Муабети.
Според последните информации кои ги има портпаролот на Министерството за транспорт и врски проблемот е надминат и сообраќајот од денеска повторно се става во функција.
Инаку, на 28ми минатиот месец, товарен воз излета кај кумановското село Романовце, при што беа оштетени 250 метри од пругата, а штета имаше и на 12 вагони.
Никола Ивановски