Од следниот месец, Израел ќе дозволи ограничен влез на туристички групи, бидејќи, поради засилената програма за вакцинација, бројот на заразени со коронавирус е намален, објави Министерството за здравство.
Израел ги затвори своите граници во март минатата година, а враќањето на странците ќе придонесе за зајакнување на економијата, која во 2020 година забележа пад од 2,5 проценти.
Стапката на невработеност во Израел е десет проценти.
Сите странски посетители ќе мора да покажат негативен резултат од тестот пред да се качат во авионот, а по пристигнувањето на аеродромот Бен Гурион недалеку од Тел Авив, ќе треба да направат серолошки тест за да докажат дека биле вакцинирани.
Во соопштението на министерствата за здравство и туризам се истакнува дека во првата фаза, ограничен број групи ќе започнат да пристигнуваат на 23 мај. Точниот број на членови на групата не е објавен.
Во подоцнежните фази, бројот на групи ќе се прошири, а потоа ќе им биде дозволено и на поединци.