Сто компании од Куманово и Липково лани искористиле некоја од мерките на државата за финасиска поддршка во вкупна вредност од околу 700 илјади евра.
Ова денеска од градскиот плоштад во Куманово го рече министерот за економија Крешник Бектеши кој претходно оствари средба со дел од бизнис заедницата.
– Токму Куманово и Липково минатата година од мерките на Министерството за економија и на Владата користеле помош речиси над 100 компании со вредност над 700 илјади евра што значи дека ќе имаме дополнителни инвестиции постоковид и креирање нови работни места. Ние ќе бидеме посветени на таков начин директно во комуникација со бизнис заедницата да креираме што подобри мерки кои ќе произлегуваат секако преку јавно-приватниот дијалог, рече министерот Бектеши.
На средбите со бизни заедницата министерот разговарал со претпримачите за дел од мерките кои им се најпотребни.
Министерството за економија, вели Бектеши, почнува да ги реализира сите мерки согласно одлуката за квалификација за развој на региони што ќе овозможи распределба на средствата на подеднаков начин во државата.
– Секако дека Североисточниот регион каде спаѓаат општините Куманово и Липково на таков начин ќе добијат дополнителни средства од страна на програмите од Владата вклучително и програмата за поддршка на инвестициите, за креирање на нови работни места кои ги реализира Минситерството за економија. Дополнително ги информирав сите претприемачи што се однесува до последните објавени повици од Министерството за економија за програмата за конкурентност, иновативност и претприемништво, каде што би сакал да ги повикам сите заинтересирани да аплицираат и да ги користат овие мерки особено во пост-ковид периодот, рече министерот.
Веќе се објавени и мерки за поддршка на микро и мали претпријатија со вкупна вредност од 30 милиони денари каде сите компании заинтересирани за набавка на машини или опрема ќе можат да ги користат. Активни се, вели Бектеши, и мерки за женско претприемништво и занаетчиство.
Никола Ивановски