Желките кои биле спасени откако биле покриени со нафта на израелскиот брег, добиваат мајонез како лек.
Официјални лица од Националниот центар за спасување на морски желки велат дека мајонезот помага во чистење на дигестивниот тракт од овие влекачи.
Истекувањето на нафта во оваа област е една од најлошо регистрираните еколошки катастрофи во Израел. Официјалните лица ја испитуваат причината за излевањето нафта, за која се смета дека пристигнала од бродовите на отворено море.
Илјадници доброволци и војници помагаат да се отстрани лепливата материја што му штети на дивиот свет.
Јанив Леви, основач и директор на Националниот центар за спасување на морски желки, за израелскиот весник Харец изјави дека успеале да повратат 27 желки.
„Сите имаа катран на главата, очите, носот, устата, дигестивниот систем и стомакот“, рече Леви.
Тој додаде дека без терапија ќе имаат малку шанси да преживеат.
„Им го отстранивме катранот од носот и очите за да можат да дишат и да видат“, објасни директорот.
Користеле растително масло, а потоа и мајонез за чистење на катранот на страните на желудникот и цревата.
„Тие пристигнаа покриени со катран. Исто така беше во душникот. Потоа им дадовме мајонез, да го исчистат дигестивниот систем и да го отстранат катранот“, изјави за Асошиејтед Прес, Гај Ивги, медицински асистент.
Опоравувањето се очекува да трае околу една недела или две, а потоа животните ќе бидат вратени во водата.
Иако ова звучи како необичен метод на лекување, терапијата со мајонез не се користи за прв пат при закрепнување на желките.
Од болницата желка во Флорида велат дека мајонезот е „безбеден и ефикасен начин за чистење на желките од нафта“.