Дел од советниците Албанци кои се членови на Советот на Општина Куманово денеска ја напуштија седницата, по нејзиното продолжување.
Откако советникот Осама Муадини првин побара пауза за да оди во џамија на молитва, по враќањето и продолжувањето на седницата продолжи со својот говор заснован на етничка основа.
И на првиот дел од седницата, а и денеска советникот Осама Муадини беше гласен во намерата да не се дозволи вработување на братот на лицето осудено за прегазување на четиригодишниот Алмир Алиу.
Денеска советникот Муадини со истата реторика го започна говорот по однос на точката за програмата за вработување во Општина Куманово за 2021 година рече дека Албанците се дискриминирани при вработување во општината и се вработени само четириесетина лица.
Нагласи и дека не треба да биде вработено лицето брат на осуденикот за убиството на Алмир, бидејќи се предвидуваат шест вработувања и во Територијалната противпожарна единица.
Ги повика останатите Албанци советници да го напуштат Советот, по што и претставниците на ДУИ, но и советникот Албанец од СДСМ си заминаа од седницата.
Никола Ивановски