Во Јапонија расте стравот дека милиони дози на вакцина за коронавирус може да пропаднат поради недостаток на соодветни шприцеви.
Властите се обидуваат да набават специјални шприцеви за да може да се извлечат максимум шест дози од едно шише вакцина, а производителите на шприц се обидуваат да го зголемат производството, пренесува Ројтерс.
Компанијата „Фајзер“, чии вакцини ги набави Јапонија, тврди дека шест дози од вакцината може да се добијат од едно шише, но потребни се специјални шприцеви.
Токио подготви стандардни шприцеви со кои едно шише може да се подели во пет дози.
„Сè уште се обидуваме да обезбедиме специјални шприцеви“, рече денеска министерот без ресор, Катсунобу Като.
Јапонија има 126 милиони жители и склучи договор со „Фајзер“ за набавка на 144 милиони дози на вакцина, или доволно за 72 милиони луѓе.
Корпорацијата Нипро, која произведува 500.000 шприцеви месечно во фабриката во Тајланд, објави дека планира да го зголеми месечното производство на неколку милиони, но предупреди дека за тоа ќе бидат потребни пет месеци.
Друг голем јапонски производител на медицинска опрема, Терумо, објави дека почнува да развива шприцеви кои можат да извлечат шест дози од шишето, но дека сè уште не знае кога ќе започне со комерцијално производство.