Скандал избувна во италијанскиот регион Лигурија откако беше откриено дека хомосексуалците биле ставени во групата луѓе со ризично однесување во документот за упатства за вакцината против ковид-19, пишува весникот „Авенир“, а другите медиуми јавуваат за случајoт.
Документот на локалната здравствена установа вклучува хомосексуалци меѓу луѓе кои имаат ризично однесување, како што се наркомани и проститутки.
Членовите на Демократската партија во регионалната влада први реагираа и го осудија случајот, оценувајќи го како неприфатлива дискриминација.
Претседателот на регионот, Џовани Тоти нареди истрага, но она што е утврдено е уште повознемирувачко, според медиумите.
Имено, се покажа дека грешката настанала откако службеникот во регионалната здравствена установа едноставно ги копирал упатствата на Министерството за здравство.
Грешката е исправена, Министерството потврди дека хомосексуалците не се лица со ризично однесување, но весникот „Ил Фато Котидиано“ заклучува дека ова не ја брише грешката, туку ја прави уште потешка.