Дури 73.4 % од граѓаните Куманово веруваат дека односите помеѓу заедниците во општината се влошиле заради лажни вести кои негативно таргетираат различни верски и етнички групи, покажа анкетата спроведена од Акцискиот тим во заедницата (АТЗ), тело на Локалниот совет за превенција на Општина Куманово.
Токму оваа анкета беше аларм АТЗ да делува во разрешување на дел социјалните проблеми настанати како резултат на дезинформациите поврзани со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
– За да одговори на овој предизвик, АТЗ организираше конкурс за ученици од основните и средните училишта во Куманово за да понуди платформа младите да ги искажат своите погледи и да испратат порака за заедништво во текот на пандемијата.. Темата за учениците од основните училишта беше: „Мултиетничка комуникација во решавање на заеднички проблеми/ Секој предизвик е можност за меѓусебно зближување”, а за учениците од средните училишта: „Пандемијата не препознава социјален статус, вера, нација, етничка припадност и боја, здружени да ја победиме.” Младите беа поттикнати да поднесат на различни типови на креативни творби, вклучувајќи поезија, проза, презентации, аудивизуелен материјал итн. На конкурсот учестуваа над 50 ученици со најразлични материјали на македонски, албански, српски и германски јазик, а избрани беа 20 победници, велат од Акцискиот тим во заедницата.
Инаку, АТЗ беше воспоставен како дел од Локалниот совет за превенција во септември 2019 година. Дополнително на горенаведената активност, во текот на 2020-та година организираше повеќе настани предвидени со Локалниот акциски план за превенирање на насилен екстремизам вклучувајќи обуки, дебати, спортски натпревари, истражувања и друго.
– АТЗ активно ги вршеше своите задачи и за време на падемијата преку организирање на онлајн настани, спроведување на истражувања и организирање на обуки со физичко присуство а во согласност со сите владините мерки. Членовите на АТЗ на Општина Куманово ќе продолжат со слични активности и во 2021 година со цел да ја зајакнат отпорноста на жителите на Куманово и да направат поинклузивен град за сите кумановци, додаваат оттаму.
Дел од материјалите кои ги изработија учениците се преставени во видеото подолу.