„Форд Моторс“ ќе ги користи софтверот, вештачката интелигенција (АИ) и клауд-компјутерите што ги нуди Гугл за развој на нови услуги на потрошувачите и модернизирање на внатрешниот бизнис.
Како дел од шестгодишниот договор за партнерство, производителот на автомобили со седиште во Деарборн, Мичиген, ќе го инсталира оперативниот систем Андроид во своите возила Форд и Линколн почнувајќи од 2023 година, пренесува Ројтерс.
Форд на своите клиенти ќе им понуди вградени апликации на Гугл, вклучувајќи мапи и говорна технологија.
Автомото-гигантот исто така ќе ја примени AI-технологијата на Google за да ја подобри ефикасноста во развојот на возилата, синџирот на снабдување и производствените операции, соопштија двете компании.
Форд и Гугл исто така ќе формираат група, „Team Upshift“, за истражување на употребата на податоци за развој на нови модели на мало, создавање нови понуди за идните сопственици на возила и други услуги за клиентите на Форд.
Податоците за клиентите на Форд нема да бидат предадени на Гугл или огласувачите на Гугл, изјави заменик-претседателот на Форд за стратегија Дејвид МекЛеланд на прес-конференција.