Санацијата на мостот на реката Пчиња, познат како Искрин мост, кој се наоѓа на магистралниот пат Куманово – Свети Николе, е во тек, а денеска увид на градежните активности извршија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
Мостот е еден од најголемите во државата, истакна министерот Бочварски, кој потенцираше дека ова е инвестиција тешка речиси два милиони евра.
– Овој мост попознат како Искрин мост, кој е меѓу најголемите во државата преставува заначајна врска меќу неколку општини во овој регион и заради тоа неопходно беше негово рехабилитирање. Имаме добра динамика на работите и според информациите од изведувачот очекуваме да биде завршен и пред рокот, изјави министерот.
Како што појасни минситерот Бочварски, досега рехабилитирани се вкупно 11 мостови на државни патишта а во овој момент активно се работи на три мстови меѓу кои и Искрин мост.
Оваа година, вели Бочварски, продолжуваме со силна инвестициона активност во целокупната инфраструктура во државата.
– Планирани се преку 200 милиони евра инвестиции во патната инфраструктура. Продолжуваме со изградба на автопатските делници, експресните патишта и преку ЈП за државни патишта предвидени се рехабилитациии на значителен број на магистрални и регионални патни правци. Она што е значајно за општините, со стартот на градежната сезона започнуваме со рехабилитација на локалните улици и патишта, согласно динамиката предвидена со завршените тендерски постапки, појасни министерот.
Според директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, освен што мостот е еден од најголемите, со должина од 355 метри, ова е и мост во кој не е инвестирано половина век.
– Ние го слушнавме гласот на граѓаните кои по подолг период бараа да се санира и Јавното претпријатие за државни патишта од својот буџет издвои 1,6 милиони евра без ДДВ и минатата година на почетокот на јуни им ја довери работата на изведувачот Синтек Инжинеринг – Скопје и надзор на работите Геинг кои започнаа со санација на мостот и до овој момент сме задоволни со темпото на работата, а согласно со договорот рокот за изведување на градежните работи е 24 месеци, односно предвиден краен рок е јуни 2022 година, изјави директорот Рустеми.
Досега, како што истакна Рустеми, санирани се четири средни столба, а на три во моментов се врши санација.
– Паралелно се работи на зајакнување на двата главни и попречните челични носачи и се врши таканареченото пескарење на носачите, зајакнување на одредени делови и нивна антикорозивна заштита, појасни директорот.
Откако ќе завршат активностите на долниот дел на мостот во атарот на селото Доброшане, ќе следува и работа на горниот строј каде е предвидена замена на старите лежишта со нови, зајакнување на постоечката коловозна плоча со армирање и бетонирање на нови 13 сантиметри бетон по целата ширина и должина.
Предвидено е поставување на нови дилатациони спојници, поставување на нова хидроизолација, изработка на нови тротоари од двете страни на коловозот на кои ќе се постави и еластична одбојна ограда по европски стандарди.
Дури на крајот на мостот ќе се изведе нова асфалтна конструкција со што ќе се заврши целосната реконструкција на мостот.
Текст/фото: Никола Ивановски