Условите за корисниците на услугите во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ се унапредуваат значително, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Како што информираше првиот човек на општината, во моментот се работи на нови поголеми простории за амбуланта и физиотерапија со комплетно нова опрема: масажери за тело, велосипед за вежбање, трака за трчање, анти-декубитусни душеци, кревети, паравани и колички.
– Нов паркинг простор и нов службен влез за возила, нови PVC прозорци и алуминиумски ролетни, нови врати во административниот дел од домот, нов мебел за занималнит, Набавена е уште една нова професионална машина за перење со што во моментот домот располага со 4 нови машини, надграден е системот за видео надзор и противпожарен аларм, Домот е целосно функционален и адаптиран да работи согласно протоколите во услови на Ковид кризата, вели Димитриевски.
Како што појасни тој, во изминатите две години целосно е реновирана и опремена нова кујна и трпезарија со капацитет за готвење за 200 луѓе, реконструирана е кровната конструкција на домот и реконструирани се тоалетите.
– Надграден е системот за соларно греење и зголемен е неговиот капацитет, задоволувајќи ги целосно потребите на домот, набавени се нови душеци за сите корисници, дополнително по пат на донација се обезбедени 48 медицински кревети и 30 LCD телевизори, комплетно е заменето осветлувањето со ново LED осветлување, обновена е целосно урбаната опрема во домот, со нови летниковци и клупи, набавена е нова машина за чистење подови, воспоставена е нова ИТ мрежа во административниот оддел, набавена е нова ИТ опрема, адаптирани се простории за работни активности со терапевт, потенцираше градоначалникот.
Како што вели Димитриевски, поставени се и две рампи за влез и излез на лица со телесна попреченост и трета рампа за влез и излез на болни лица.
Никола Ивановски