Првиот жител на Општина Куманово за 2021 година е девојче, прва рожба на Фатуше Љатифи од Куманово.
Првото бебе во најголемата општина во државата е родено вчера попладне на Одделението за гинекологија и акушерство при Општа болница Куманово.
До денеска до 12 часот родени се уште две бебиња, а четвртото беше на пат додека претставниците на кумановската болница ја даваа изјавата за медиумите.
– Здраво, породено по нормален пат, можеме само да им посакаме и на мајката и на детето да бидат многу среќни, со добро здравје и да имаат многу убави моменти во 2021 година. Истото ќе го посакам и на сите наши сограѓани, да бидат со добро здравје, да имаат многу убави моменти во 2021 година, да не заборавиме што оставаме зад нас, но и да се потсетиме дека изминатата година не беше само со лоши работи. И покрај пандемијата што буквално ни ги преокупираше животите, а на нас медицинските работници ни го смени текот на севкупната работа, ќе кажам дека во текот на изминатата година имавме прилика да видиме и нешто добро, а тоа е човечката солидарност и поставување во прв план на човечките вредности, изјави Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово.
На подарок од општината, првото бебе доби штедна книшка и цвеќе, кои поради пандемијата годинава не го врачи лично градоначалникот Максим Димитриевски, туку тоа во негово име го сторија вработените во болницата.
Никола Ивановски