На 27 септември ескалираше ситуацијата во Нагорно Карабах и на спорната територија се водеа борби во кои загинаа најмалку 5.000 луѓе. На почетокот на борбите и Азербејџан и Ерменија воведоа вонредна состојба и прогласија мобилизација.
На 10 ноември премиерот на Ерменија и претседателот на Азербејџан се договорија за прекин на сите воени дејствија во Нагорно Карабах. „Целосниот“ прекин на огнот беше договорен со посредство на рускиот претседател Владимир Путин, кој го прогласи почетокот на примирјето на полноќ по московско време.
Ерменскиот премиер Никол Пашињан рече дека по повеќе од еден месец крвопролевање, потпишал договор со Азербејџан и со Русија, кој бил „неискажливо болен за него и за ерменскиот народ“. Русија се смета за заштитничка сила на Ерменија. Веднаш по потпишаното примирје, во Ерменија избувнаа насилни протести во кои демонстрантите го обвинија премиерот за предавство и упаднаа и го уништија неговиот кабинет во Владата. Повеќе или помалку мирни протести против договорот со Азербејџан, сè уште се одржуваат.
Новата војна во Нагорно-Карабах заврши. Но, не завршија само борбите. Се менува и статус квото во јужен Кавказ. Спогодбата предвидува Азербејџан да ја обнови контролата над големи делови на својата поранешна, населена претежно со Ерменци територија и речиси 30 години отцепена провинција Нагорно-Карабах, како и во блиските окрузи.
„Азербејџанскиот претседател се покажа како победник. Но, победници се и Турција, која го поддржува Баку, а пред сè Русија, која сега стационира свои мировни трупи во Нагорно Карабах. Двете сили изградија свое влијание во регионот. Губитници се Ерменија и меѓународно непризнатата Република Нагорно Карабах, поддржувана од Ерменија. Но, не само тие. Губитник е првенствено дипломатијата. Речиси три децении под покровителство на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), се бара решение. Без успех. Конфликтот околу Нагорно-Карабах од 1994 година е само замрзнат“, коментираа светските агенции.
Разговорите за решение за Нагорно Карабах траат од 1992 година во рамките на Групата од Минкс на ОБСЕ, предводена од тројца копретседавачи – Русија, Франција и САД.
Но, конфликтот никогаш не беше целосно запрен.
Двете земји водеа крвава војна за оваа област кон крајот на 80-тите и раните 90-ти. Иако прогласија примирје, тие никогаш не успеаја да се договорат за мировен договор.
Нагорно-Карабах е составен дел на Азербејџан, но неговото население е претежно ерменско. Кога Советскиот Сојуз се распадна во 1980-тите, Нагорно-Карабах гласаше за пристапување кон Ерменија што предизвика војна која беше запрена со примирје во 1994 година.
Оттогаш, Нагорно Карабах остана дел од Азербејџан, но е контролиран од сепаратистички етнички Ерменци, поддржани од ерменската Влада. Преговорите водени во текот на следните децении, со посредство на меѓународните сили, никогаш не успеаја да доведат до мировен договор.
Ерменија е претежно христијанска, додека во Азербејџан, кој е богат со нафта, живеат претежно муслимани. Турција одржува блиски врски со Азербејџан, додека Русија има сојуз со Ерменија – иако има и добри односи со Азербејџан.
Кавказ е стратешки важен планински регион во Југоисточна Европа. Со векови, различни сили во регионот – и христијански и муслимански – се бореа контрола врз него.
Современата Ерменија и Азербејџан станаа дел од Советскиот Сојуз кога се формираше во 1920-тите. Нагорно Карабах беше област со мнозинско етничко ерменско население, но Советите им ја дадоа контролата на областа на азербејџанските власти.
Во следните децении, Ерменците во Нагорно Карабах постојано бараа да бидат ставени под ерменска власт. Но, дури кога започна распадот на Советскиот Сојуз кон крајот на 80-тите години, регионалниот парламент на Нагорно Карабах официјално гласаше за пристапување кон Ерменија.
Азербејџан се обиде да го задуши ова сепаратистичко движење, додека Ерменија го поддржуваше. Тоа доведе до етнички конфликти и – откако Ерменија и Азербејџан прогласија независност од Москва – до војна.
Десетици илјади луѓе беа убиени, околу милион беа раселени, а постојано имаше и извештаи за етничко чистење и масакри на двете страни.
Ерменските сили ја презедоа контролата над Нагорно Карабах пред да биде прогласено примирје во 1994 година со посредство на Русија.
По договорот, Нагорно Карабах остана дел од Азербејџан, но со него од тогаш главно управуваше сепаратистичката самопрогласена република управувана од етнички Ерменци и поддржана од ерменската Влада.
Воспоставена е и Линија на контакт на Нагорно Карабах, која ги раздвојува ерменските и азербејџанските сили.
Од тогаш се започнати мировните преговори со посредство на Групата од Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – тело основано во 1992 година и со кое претседаваат Франција, Русија и САД. Но, досега не е потпишан мировен договор.
Конфликтот дополнително го компликува геополитиката. Членката на НАТО, Турција беше првата земја што ја призна независноста на Азербејџан во 1991 година.
Поранешниот азербејџански претседател Хејдар Алиев своевремено ги опиша како „една нација во две држави“.
Двете делат турската култура и население, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети поддршка на неговата земја за Азербејџан.
Покрај тоа, Турција нема официјални односи со Ерменија. Турција ги затвори своите граници со Ерменија во 1993 година како поддршка на Азербејџан за време на војната во Нагорно Карабах.
Во исто време, Ерменија има добри односи со Русија. Во Ерменија има руска воена база, и двете се членки на воениот сојуз Организација за договор за колективна безбедност (ОДКБ).
Но, Владимир Путин има добри односи и со Азербејџан, а Москва побара прекин на воените дејствија.
Во Ерменија во 2018 година имаше мирна револуција во која после 10 години на власт беше соборен Серж Саргасјан.
Водачот на овие протести, Никол Пашињан стана премиер по слободните избори одржани истата година.
Пашињан се согласи со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев дека тензиите треба да деескалираат и тие ја воспоставија првата воена дежурна телефонска врска меѓу двете земји.
Во 2019 година, двете земји издадоа соопштение во кое се наведува дека „мора да се преземат конкретни мерки со цел населението од двете земји да се подготви за мир“.
Досега, сепак, ништо од ова не се оствари.
Не е јасно која земја прва го почна најновото насилство, но тензиите сè уште се високи, со огледа на големиот број жртви на двете страни.
Јасмина Тасевска