Администрацијата на Доналд Трамп воведе нови санкции против Сирија, зајакнувајќи го притисокот врз претседателот Башар ал Асад да стави крај на повеќегодишната војнна. Новите санкции се воведени за Централната банка на Сирија, сојузници на Асад и други.
Секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин, рече дека официјален Вашингтон има намера „да го повика режимот на Асад на одговорност за сите злосторства што ги извршил против сопствениот народ“.
Мнучин рече дека Министерството за финансии ќе продолжи да ги користи сите средства со кои располага да ги разоткрие оние кои го поддржуваат режимот на Асад дозволуваат овие злосторства да продолжат.
Новите санкции ја засегаат Централната банка на Сирија, на која претходно САД и воведоа слични мерки. Целта е да се обесхрабрат инвестициите во деловите на Сирија, контролирани од владата, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД.
Санкции се воведени и против првата дама, Асма ел Асад, нејзините родители, браќа и сестри, кои имаат двојно британско и сириско државјанство и престојуваат во Лондон.
Санкции се воведуваат и против Лина Мохамед Назир ел Кинајех, службеничка во канцеларијата на претседателот, како и за нејзиниот сопруг и компаниите што ги поседуваат.
Сириското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека санкциите на САД против земјата се воено злосторство.
„Агресијата против Сирија е осудена на пропаст“, се вели во соопштението на Министерството.
Сања Костовска