Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин денеска официјално негираше дека руската држава била вмешана во неодамнешните кибернапади против американската Влада.
– Русија не е вмешана во такви напади. Тоа го изјавуваме официјално и цврсто, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во изјава што ја пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
– Било какви обвинувања за вмешаност на Русија се апсолутно неосновани, тие најверојатно ќе бидат продолжение на слепата русофобија што се користи во случај на секаков инцидент, рече Песков.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата недела директно ја обвини Русија за ваквите напади, велејќи дека е „прилично јасно оти токму Русите се занимаваа со ваква активност“.
Американската агенција за кибербезбедност и инфраструктура претходно соопшти дека американските владини агенции и критичните инфраструктурни субјекти од март месец биле компромитирани од хакери.
Јасмина Тасевска