Ученици, професори и граѓани од Куманово донираа за средношколците од семејството Драгишевски од село Стрновац, соопштија денеска од средното училиште „Наце Буѓони“ каде наставата ја следи едното од децата.
– Собрани се и однесени се хуманитарни пакети, храна, хигиенски производи, кујнски прибор, постелнина, облека, обувки. Ученикот од семејството веќе доби таблет, така што го врати лаптопот кој му го достави училиштето и рече дека треба да се даде на соученик на кој му е потребен – изјави Катерина Ѓорѓиевска, класен раководител на ученикот и професор во „Наце Буѓони“
Иницијативата која ја поведе училиштето за собирање на стари електронски уреди за следење на настава: Смарт телефон, лаптоп, таблет и компјутер, ќе продолжи до крајот на месецов.
Електронските уреди ќе бидат прегледани, форматирани и инсталирани со програмите кои се потребни за следење на настава од далечина.
Тимот за техничка поддршка во кој членуваат учениците, менториран од Ненад Ставревски, ќе ги направи техничките проверки на уредите, кои ќе бидат распределени во соработка со стручните служби на училиштата и класните раководители.