Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин предложи денеска да се направат колку е можно повеќе тестови, поради зголеменото ширење на коронавирусот во земјата.
Центарот за контрола и превенција на болести соопшти дека денеска се регистрирани 615 нови случаи на коронавирус, со што бројката за овој месец достигна 8.311 заразени, најмногу досега.
Мун наложи Владата да го мобилизира секој расположлив ресурс за следење на инфекциите и да се прошири тестирањето, за што би се користеле услугите на војската и јавните служби.
Тој истакна дека местата за тестирање треба да работат подолго, со цел да им се овозможи на вработените да се тестираат во време кога ним им одговара, но и да се направат мобилни објекти за тестирање.
Властите вчера соопштија дека ќе се воведе поголемо социјално дистанцирање отколку што досега важело во Сеул и околните места, барем до крајот на годинава.
Јужна Кореја е една од ретките земји која избегна „локдаун“ во текот на претходните два брана, бидејќи имала добро организиран систем на следење, тестирања и ставање во карантин на луѓе кои биле во контакт со заразени лица. Меѓутоа, во текот на третиот бран, Владата се соочува со критики бидејќи бројот на заболени продолжува да расте, и покрај задолжителното носење на маски, полицискиот час и рестриктивните мерки во градскиот превоз.
Габриела Точко