Ученици од ОСТУ „Наце Буѓони“ од Куманово, трогнати од приказната на Мите и Катерина Драгишевски, започнуваат акција преку која ќе соберат стари електронски уреди кои ќе се прилагодат за следење на настава на нивните соученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства.
– Покренуваме иницијатива за собирање на стари електронски уреди за следење на настава: смарт телефон, лаптоп, таблет и компјутер, кои ќе бидат поделени на ученици од училиштето ОСТУ „Наце Буѓони” Куманово. Овие уреди ќе бидат распределени во соработка со стручните служби на училиштето и класните раководители, кои ги имаат информациите за учениците на кои им е најпотребен електронскиот уред, изјави Катерина Ѓорѓиевска, ученичка во техничкото училиште.
Истовремено учениците ќе започнат и акција за собирање донации за семејството Драгишевски од кумановското село Страцин чија тажна животна приказна трогна до многумина.
– Почитувани професори, ученици, родители, граѓани, започнуваме со собирање на донации за семејството Драгишевски. На семејството му се потребни: обувки и облека, ќебиња и постелнини, средства за лична хигиена и чистење, конзервирана храна (што стои подолго) и училишен прибор. Замолуваме донациите да бидат спакувани во ќеса или кутија и на истата да има лист со наведена содржина на донацијата, додава Ѓорѓиевска.
Донациите може да се донесат од понеделник до петок (07 -11.12.2020) во период од 8:00 до 18:00 часот, во ОСТУ „Наце Буѓони” (техничко училиште) на главниот влез.
Никола Ивановски / фото: архива