До крајот на месецов монтажната ковид болница во Куманово треба да ги прими првите пациенти, информираше денеска директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева.
Подготовката на терен, според Захариева е при крај, а во понеделник се очекува инвеститорот да започне со работа. Капацитетот на монтажната болница ќе биде околу четириесетина пациенти.
– Уште некои мали инфраструктурни работи да се довршат и инвеститорот го очекуваме од понедленик да дојде и да отпочне со работа, финално она што е подготовка на терен за да може да биде поставена болницата. Постојано сме во контакт со проектна единица од Министерството за здравство кои постојано ја надгледуваат работата и околу подготовката на теренот и потоа кога ќе почне да се врши поставувањето на овие контејнери, изјави директорката.
Околу 110 пациенти заболени или суспектни на коронавирус се сместени во овој момент во трите ковид центри во болницата, а слободни се околу петнаесетина легла.
Како што истакна директорката Захариева, охрабрува фактот што има благо намалување на нови хоспитализирани пациенти, а раст на оздравени.
– Имаме околу петнаесетина слободни легла, засега нема потреба од отворање на нов капацитет. Ако се укаже потреба секако дека ќе направиме преадаптација на друг простор и нема да ги оставиме пациентите како што и досега не беа оставени. Има благо намалување на број на приеми, зголемување на број на оздравени, јас искрено се надевам дека ќе продолжи овој тренд затоа што навистина обемот на работа е голем, персоналот постојано работи со максимални напори, ќе кажам дека се екипирани и работата се одвива непречено, изјави таа.
Скоро цела недела припадници на Армијата и Министерството за здравство ги обезбедуваат фрекфентните места во болничкиот круг, но како што информираше директорката, нема регистрирано никакви инциденти и работата се одвива беспрекорно.