Поранешниот француски претседател почина на 94-годишна возраст, како жртва на Ковид-19. Избран во 1974 година, поразен во 1981 година од Франсоа Митеран, тој никогаш не ја напушти политиката, јави дописникот на МИА
Поранешниот претседател Валери Жискар Д’Естен почина вчеравечер на 94-годишна возраст, објави неговото семејство. Почина „опкружен со семејството“ на неговиот имот во Автон во Лоар-ет-Шер. Тој почина „по заболувањето од Ковид“, рече неговото семејство.
Поранешниот шеф на француската држава беше примен во „одделот за кардиологија“ во болницата Турс на 17 ноември за „срцева слабост“, тогаш беше укажано од неговата придружба. Во септември, поранешниот шеф на државата веќе беше хоспитализиран во болницата Жорж Помпиду во Париз за „мала инфекција на белите дробови“. Тој веќе неколку пати беше хоспитализиран во болницата Жорж Помпиду, пред неколку години, на кардиологија за поставување стентови.
Најмладиот претседател на Петтата република кога беше избран во 1974 година, Валери Жискар Д’Естен еден од последните јавни настапи ги имаше на 30 септември 2019 година за време на погребот во Париз на друг претседател на републиката Жак Ширак, кој беше негов премиер од 1974 до 1976 година.
Валери Жискар Д’Естен имаше само 48 години кога беше избран во 1974 година, победувајќи го Франсоа Митеран. Тогаш тој сакаше да биде инкарнација на триумфална модерност, што произлегува од либералната десница и демохристијани кои ја изградија повоената Европа.
Политехничар и Енарк, од големо буржоаско семејство, Валери Жискар Д’Естен влезе во владата во 1959 година, множејќи ги министерските места во економијата и финансиите во 1960-тите и 1970-тите години. Сепак, на 10 мај 1981 година, тој не успеа да биде реизбран против Франсоа Митеран.
Убеден Европеец, во 2001 година го презеде кормилото на Конвенцијата за Европа, одговорен за изготвувањето на европскиот устав, кој ќе биде отфрлен на референдум. Брилијантен економист, автор на повеќе книги, тој беше избран во 2003 година во Француската академија.
Тони Гламчевски, Франција