Припадниците на белоруската полиција приведоа 313 лица за време на вчерашните протести, информира портпаролот на белоруското Министерство за внатрешни работи, Олга Чемоданова.
– Вкупно, 313 лица се во притвор до крајот на судските рочишта за кршење на законот на вчерашните масовни настани, напиша Чемоданова на социјалната мрежа Телеграм и додаде дека во тек се истраги за давање отпор на полициските службеници и попречување сообраќај.
Министерството исто така потврди употреба на специјални средства против демонстрантите.
– Граѓаните продолжија да ги игнорираат легитимните барања на полицијата, тие формираа жив ланец, вулгарно и се обраќаа на полицијата, активно се спротивставуваа на полицијата, врескаа и лелекаа, се вели во соопштението и се додава дека затоа полицијата била принудена да користи специјални средства (неколку истрели од огнено оружје во воздух и солзавец).
Масовните протести во Белорусија траат веќе неколку месеци поради резултатот од претседателските избори одржани на 9 август.
Секоја недела најголемите протести се одржуваат во Минск и во неколку други градови.
Јасмина Тасевска