Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска му предложи на новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден да присуствува на првиот самит на Алијансата во Брисел, по неговата инаугурација на 20 јануари 2021 година.
-Го поканив Бајден да присуствува на самитот на НАТО на почетокот на следната година за да разговараме за важни теми и да донесуваме одлуки, вклучувајќи ја и таа за останување или повлекување на силите на Алијансата од Авганистан, изјави Столтенберг пред новинарите, додавајќи дека датумот за одржување на самитот допрва ќе треба да се утврди.
Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, претходно донесе одлука за намалување на американскиот контингент во мисијата на НАТО во Авганистан. Во моментов Алијансата во оваа турбулентна азиска држава има 11.000 војници, од кои половината не се Американци.
-Мисијата ќе продолжи и покрај повлекувањето на американските сили и намалувањето на американското присуство во Авганистан. Во 2021 година ќе треба да бидат донесени тешки одлуки, доколку талибанците не ги почитуваат своите обврски, рече Столтенберг.
Според него, Бајден е „голем поддржувач на НАТО и добро ја познава организацијата“.
-Тоа е добра работа за нас, рече Столтенберг, алудирајќи на тешкотиите со кои се соочи НАТО за време на администрацијата на Трамп.
Сашко Димевски