Почнаа превентивните конзерваторски интервенции на манастирот во Матејче, објави на социјалните мрежи министерката за култура, Ирена Стефоска.
– Националниот конзерваторски центар – Скопје започна со превентивни конзерваторски интервенции на црквата Св. Богородица во Матејче за ова културно добро да се заштити од надворешни влијанија во зимскиот период-напиша министерката.
Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Претходно, министерката за култура на неодамнешната прес-конференција презентирајќи го предлог-буџетот на Министерството за култура за 2021 година меѓу другото, рече дека во рамките на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма ‒ „Културно наследство во опасност“. Во овој дел, министерката Стефоска посочи дека покрај другите приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години.
Активисти од Куманово, претходно алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.