Куманово почна постапка за изработка на Генерален урбанистички план. Постапката е сложена, скапа, но ќе понуди решенија за многубројните проблеми со кои се соочува градот изминативе децении, сметаат стручните. Планот треба да обезбеди нови сообраќајни решенија со кои ќе се реши метежот, формирање нови населби, повеќе зеленило, пешачки зони, ефикасен јавен транспорт, уредени простори наменети за сите. Клучно е и граѓаните да ги кажат своите забелешки, затоа постапката треба да е транспарентна и инклузивна.
Во изминативе години, се сложуваат и стручните и оние кои учествуваат во подготовка на планот во Куманово дека владее урбан хаос. Постоечките решенија биле наменети за поинакво време, кога имало двојно помалку жители, решенија кои сега воопшто не се приспособени на потребите на жителите на 100.000 град.
– Изработката на планот е финансиски скапо, обемно и од стручен аспект е тешка задача. Изработката на ГУП на Куманово во 2019 е влезена во програмата на Министерството за транспорт и врски кое одвојува 30 милиони денари за двегодишен период за изработка на ГУП. Тука е и Агенцијата за просторно планирањеО како и општина Куманово и ЈП „Куманово План“. 2021 година треба да се донесе. Ние почнавме малку порано, 2019 година изработена е планската програма, имавме застој поради пандемијата, но мора да се привршува, изјави директорот на ЈП „Куманово-План“, Горан Митевски.
Претпријатието е формирано 2019 година. Куманово е голема општина и може финансиски да поддржи вакво претпријатие, вели Митевски кое помага на јавните институции, установи со решенија за доградби, санации, но сепак негова клучна улога по донесување на ГУП-от ќе биде разработка на деталните урбанистички планови.
– Самиот факт, дека се изработува за плански период од 10 години, укажува на важноста од апсолутна сеопфатност на акумулираното знаење на сите субјекти на општеството. Овој процес мора да биде транспарентен, инклузивен и професионален, а тоа значи постојана јавна и стручна дебата за тоа каков град сакаме во идните 10 години, вели Лазаревски.
Поради пандемијата, најави Митевски забелешките на граѓаните кои традиционално се спроведуваа на средби преку месните заедници, овој пат, поради пандемијата, ќе се нотираат преку дебати кои ќе бидат организирани онлјан, а ќе се користат и локалните медиуми.
– Кога ќе дојде момент за изработка на предлог-решение на ГУП, тогаш мора да се излезе со стручна расправа и презентација на граѓаните и мора да има партиципативно тело мислам дека во општината го формираат, го бираат од заинтересирани граѓани, ќе биде објавен оглас и сите ќе можат да се јават, да се вклучат во процесот на формирање на телото, вели Митевски.
Одлуката за подготовка на ГУП е донесена од тогашните советници од 2012 година.
– Оттогаш па се до фирмиарње на ЈП не беше преземана никаква активност, вели Горан Митевски. Сè уште важи стариот урбанистички план и повремено има несовпаѓање во деталните урбанистички планови. Граѓаните не можат да инвестираат, да изградат дом, зграда или индустриски објект.
– Има некомпатибилност или не соодвествуваат намените на ГУП, со деталниот урбанистички план и со новите законски промени што беа настанати за изминатиот период пред десет и повеќе години се направи можност за урбан хаос, каде што сите кои сакаа да дојдат легално до документација, се соочија со проблеми во реализација на инвестицијата. Поедноставно им беше да изградат дивоградба за после со Законот за легализирање на дивоградби ги легализираат нелегалните објекти и тука веќе нема урбано живеење, нема уредено живеење, тука е анархија, хаос, тоа е проблем за функционирање на градот, појаснува Митевски.
Тој вели дека Куманово долги години била во „немилост“ на тогашната централна власт, но дека сега со поддршка на Владата, на Министерството, ќе се реши овој проблем.
Граѓаните најмногу забелешки имаат за постоечките сообраќајни решенија и недостиг на зелени простори.
Ова го потврдува и Лазаревски кој вели дека ако се изземат личните, станбени прашања, граѓаните на Куманово имаат сериозен проблем со структурата, типологијата и квалитетот на јавните простори.
– Фрагментирана сообраќајна мрежа, базирана исклучиво на патничките возила, ограничена понуда на јавни функции во супстандардни услови, постојан пад на воспоставената градителска култура итн. Тука треба да се додаде и игнорирањето или изземањето на цели демографски категории при планирање на просторот, како децата, лицата од третата доба, лицата со посебни потреби и други што укажува на недоволно развиената култура на солидарност и инклузивност, како и политики на градот за просторен развој, објаснува Лазаревски.
Тој предлага планирањето да се базира на силна база на податоци, да се употребат модерните алатки и платформи, како квантитативни и квалитативни алатки за собирање и менаџмент на податоци, сензорни мерење, мрежи, визуелизации, развој на сценарија.
– Тука не смее да се заборави на вложување во јавни отворени платформи и лаборатории за јавна партиципација и максимално користење на социјалните мрежи за програмирање и планирање. Конечно, врз основа на оваа база на податоци, треба да се тестираат различни визии на градот и соодветно да се избере најапликативната, која ќе се преточи во планските одредби на идниот ГУП, вели Лазаревски.
Лани, Куманово објавен оглас за изработка на сообраќајна студија, но тој пропадна, бидејќи не се јавија оператори. Од „Куманово план“ најавија дека новата студија ќе ја изработуваат заеднички со Техничкиот факултет од Битола. Претпријатието веќе подготвило ново сообраќајно решение кое ќе понуди изградба на кружни текови помеѓу две крстосници во градот, кои во моментов се најкритични. Меѓу главните забелешки е што се чуствува притисок да се градат згради во централно градско подрачје. Постоечката инфраструктура не може да го издржи тој притисок. Во минатото се градеа населби подалеку од центарот на градот, како што се „Зелен Рид“, „Гоце Делчев“. И сегашниот ГУП треба да понуди дисперзираност, односно изградба на згради надвор од центарот на градот. Некои од решенијата датираат уште од далечните 1974, 75, од 81 година. Горлив проблем е и недостиг на зеленило, што придонесува за аеро-загадувањето. Важно е да се заштити и амбиенталната архитектура.
И Лазаревски и Митевски повикаа граѓаните активно да се вклучат со свои забелешки, но притоа да ги почитуваат препораки за модерно, урбано живеење кое подразбира, град кој ги вклучува граѓаните во меѓусебна социјална интеракција, кој ќе го подигне квалитетот на јавниот простор, ќе ги дигитализира јавните услуги, ќе промовира јавен транспорт, пешачки зони, зелени коридори.
Александра Максимовска