Пандемијата на коронавирусот и социјалната изолација придонесуваат за „ужасна ситуација“ што ги прави младите луѓе поранливи на радикализација, предупреди денеска британската полиција.
Нивото на закана од тероризам во земјата беше покачено на „сериозно“ претходно овој месец, што е мерка за претпазливост по нападите во Франција и Австрија. Промената значи дека најверојатно ќе се случи напад.
До крајот на јуни, во период од 18 месеци, 17 деца беа уапсени под сомнение за терористички престапи, вклучувајќи и некои на возраст од 14 години, соопшти полицијата за борба против тероризмот.
– Има нагло зголемување на бројот на екстремистички материјали на интернет во последниве години, и поради Ковид-19 ризичните луѓе поминуваат повеќе време изолирани и на интернет, со помалку заштитни фактори кои ги обезбедуваат училиштето, вработувањето, пријателите и семејството, изјави Нил Басу, шеф на британската полиција за борба против тероризам.
– Според мое мислење, тоа е ужасна ситуација, една од оние кои не можеме да ги предвидиме и од која ефектите можеби ќе ги чувствуваме во многу години што доаѓаат, додаде тој.
Во меѓувреме, денеска е претставена и нова веб-страница www.actearly.uk, што треба да се занимава со тој проблем.
Јасмина Тасевска