Седум нови случаи позитивни на коронавирусот се регистрирани во градинките во државата, информираше денеска од Куманово министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Состојбата, како што вели министерката се следи секојдневно, до вчера 26 деца биле позитивни и 86 возрасни вработени во институциите. На таа бројка денеска се додаваат уште седум случаи.
– Во моментот кога доаѓавме сега ни пристигна информација дека дополнителни седум вработени во градинките, не велам дека се воспитуачи и негователки туку збирно на овие 86 со дополнителни седум станеле позитивни на денешна дата. Еднаш неделно овие информации ги споделуваме со Комисијата за заразни болести во креирање политики. Во моментот 484 дечиња се во изолација и 84 возрасни вработени во градинките, информираше министерката Шахпаска.
Она што е добро, вели министерката е што, здравствената состојба и на децата и на возрасните е добра, со блага клиничка слика и без хоспитализации.
Одлуките за тоа до кога и како ќе работат градинките, рече Шахпаска, ќе се носат врз основа на проценка на здравствените власти.
Никола Ивановски